Расте бројот на жртви во Иран: Речиси 500 загинати демонстранти, над 10.600 уапсени
12/01/2026 12:30
Бројот на жртви во Иран продолжува да расте, откако меѓународни организации пријавуваат речиси 500 загинати демонстранти за време на двонеделните антивладини протести. Според податоците на американската новинска агенција Активисти за човекови права, досега се потврдени 490 смртни случаи меѓу демонстрантите, како и 48 загинати припадници на безбедносните сили, додека повеќе од 10.600 лица се уапсени.
Иранските власти сè уште не објавуваат официјални бројки за жртвите и уапсените.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, изјави дека ситуацијата во земјата „сега е под целосна контрола“, по ескалацијата на насилството поврзано со антивладините протести за време на викендот. Тој оцени дека демонстрациите „станале насилни и крвави за да му се даде изговор“ на американскиот претседател Доналд Трамп за можна интервенција.
Арагчи нагласи дека иранската влада е „подготвена за војна, но и за дијалог“, во услови на зголемени меѓународни тензии.
Од своја страна, Трамп изјави дека иранските лидери стапиле во контакт со американски претставници со цел да започнат преговори. Зборувајќи од претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, тој наведе дека „се закажува состанок“, но предупреди дека САД би можеле да реагираат доколку насилството продолжи.
Американскиот претседател оцени дека иранските власти „владеат преку насилство“ и порача дека американската војска разгледува „многу силни опции“ за можна интервенција, доколку продолжи убивањето на демонстранти.





