MKinformer

your daily dose of news

САД испраќаат воена флота и носач на авиони кон Блискиот Исток поради растечки тензии со Иран

16/01/2026 11:23

Авиони од носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и дел од неговата придружна флота се упатија кон Блискиот Исток од Јужното Кинеско Море, објави „Њујорк тајмс“, во услови на зголемени тензии меѓу Соединети Американски Држави и Иран.

Според весникот, кој се повикува на двајца американски функционери што зборувале под услов на анонимност, се очекува носачот на авиони и неговите придружни воени бродови да пристигнат во регионот за околу една недела.

„Различни борбени авиони, најверојатно комбинација од ловци, бомбардери и авиони за полнење гориво, се очекува наскоро да пристигнат во регионот“, наведува „Њујорк тајмс“.

Во меѓувреме, Пентагон испраќа дополнителна опрема за воздушна одбрана на Блискиот Исток, вклучително и пресретнувачки ракети, со цел заштита на американските бази во регионот и Персискиот Залив. Посебен фокус, според извештајот, има Ал-Удаид, една од најголемите американски воздухопловни бази во регионот, лоцирана во Катар.

Американските функционери истакнале дека зголеменото воено присуство има двојна цел – да ги одврати иранските власти од дополнителна употреба на сила врз демонстрантите и да му обезбеди на американскиот претседател Доналд Трамп поширок спектар на опции во случај на евентуална воена интервенција.

Во Иран веќе три недели траат масовни антивладини протести. Според извештаите на меѓународни организации за човекови права, властите ги сузбиваат протестите, а интернетот во земјата е исклучен повеќе од една недела. Се наведува дека има голем број загинати, додека точниот број на жртви сè уште не е официјално потврден.

Трамп во изминатиот период повеќепати предупреди дека САД не ја исклучуваат можноста за воена акција доколку продолжи насилството врз цивилното население.

One thought on “САД испраќаат воена флота и носач на авиони кон Блискиот Исток поради растечки тензии со Иран

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!