Екстремно загадување во Македонија: Струмица најзагаден град, Скопје и Куманово меѓу најлошите во Европа
17/01/2026 13:42
Неколку градови во Македонија денеска се соочуваат со екстремно загаден воздух, покажуваат податоците од апликацијата „Air Care“. Најкритична е состојбата во Струмица, која се најде на водечката позиција со индекс на загаденост од дури 399 во најпогодените делови од градот.
На второто место се води „мртва трка“ меѓу Куманово, каде индексот изнесува 255, и Скопје со индекс од 247. Високи нивоа на загадување се регистрирани и во Кавадарци со индекс 164, како и во Крушево, каде загаденоста достигнува 176.
Скопје утрово се најде и на четвртото место меѓу најзагадените европски градови со над 300.000 жители. Пред главниот град на Македонија се најдоа Белград и Крајова, додека најзагаден град во Европа денеска повторно е Сараево.
Во рамки на Скопје, најлоша состојба утрово е измерена во населбата Пролет, каде индексот на загаденост изнесува 239. Високи концентрации се забележани и во Лисиче со индекс 212, како и во населбата „11 Октомври“ во општина Кисела Вода, каде индексот изнесува 110.
Експертите постојано предупредуваат дека ваквите нивоа на загадување претставуваат сериозна закана по здравјето, особено за хронично болните, децата и повозрасните лица, и апелираат на ограничување на движењето и користење заштитни маски во најкритичните часови.





