MKinformer

your daily dose of news

Невидена драма во Хернинг: Македонија и Португалија одиграа нерешено

18/01/2026 21:29

Невидена ракометна драма се одигра вечерва во Хернинг, каде македонската ракометна репрезентација одигра храбар и пожртвуван натпревар против фаворизираната Португалија, но не успеа да ја заокружи сензацијата со победа. Натпреварот заврши без победник 29-29, резултат кој сериозно ги намалува шансите на Македонија за пласман во главната рунда на Европско првенство во ракомет.

Нашата селекција одигра еден од најдобрите натпревари на турнирот, рамноправно носејќи се со силниот противник и неколкупати имајќи шанса целосно да го преземе водството. Сепак, среќата и концентрацијата во самиот финиш не беа на македонска страна.

Португалија го имаше последниот напад на мечот, но голманот Дејан Томовски блесна со две извонредни одбрани, оставајќи ја Македонија во игра за победа. За жал, во контранападот топката му испадна од раце на Марко Серафимов, по што натпреварот заврши со поделба на бодовите.

Со ова реми, патот кон главната рунда станува исклучително тежок. Последниот натпревар од групната фаза Македонија ќе го одигра на 20 јануари против Романија, но и покрај евентуална победа, пласманот повеќе не зависи исклучиво од нашите ракометари.

И покрај разочарувањето поради резултатот, македонската репрезентација уште еднаш покажа борбеност, карактер и квалитет против еден од најдобрите тимови на првенството, оставајќи силен впечаток кај ракометната јавност.

error: Содржината е заштитена од копирање !!