Македонија денеска против Португалија за пласман понатаму на ЕП
18/01/2026 16:03
Македонската ракометна репрезентација денеска го игра најважниот натпревар на Европско првенство во ракомет, во борбата за пласман во наредната фаза од шампионатот. Спроти нашата селекција ќе застане силната и незгодна репрезентација на Португалија.
Дуелот ќе се одигра во Хернинг со почеток од 18 часот и претставува директна пресметка за второто место во групата. Само првите две селекции обезбедуваат продолжување на настапот на континенталниот собир, а со оглед на квалитетот и формата на Данска, јасно е дека нашата шанса мора да се бара токму против Португалија.
Веднаш по македонскиот натпревар, домаќините Данска ќе се соочат со репрезентацијата на Романија. Данците важат за најголем фаворит не само во групата, туку и на целото првенство, па се очекува да го наметнат својот ритам и да ја оправдаат фаворитската улога.
За Македонија, денешниот натпревар е клучен тест за карактерот и квалитетот на тимот. Победа би значела огромен чекор напред и пласман меѓу најдобрите селекции во Европа, додека пораз би значел крај на настапот во оваа фаза.
Ракометарите ќе мора да одиграат дисциплинирано, со силна одбрана и максимална реализација во нападот, доколку сакаат да ја совладаат Португалија и да го продолжат европскиот сон.

![Македонија вечерва против Данска на стартот на ЕП: „Ќе се бориме 60 минути“ Navivaci-makedonska-reprezentacija[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/Navivaci-makedonska-reprezentacija1.jpg)




