Шилегов најавува преполовување на пратеничката група на СДСМ и внатрепартиски отпор
21/01/2026 21:28
Поранешниот градоначалник на Скопје и истакнат член на СДСМ, Петре Шилегов, јавно побара оставка од актуелното партиско раководство, оценувајќи дека резултатите од нивното работење се „катастрофални“ и дека партијата се наоѓа во сериозна криза.
Во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ на Телма, Шилегов истакна дека драстичниот пад на поддршката е алармантен.
„Да ја сведете поддршката на партијата на само стотина илјади гласови и 15 пратеници, да станете петта партија во Скопје и трета во Македонија – ако тоа не е катастрофа, тогаш што е?“, праша Шилегов.
Тој најави дека во партијата веќе се формира сериозна групација која ќе бара промени, во која, како што рече, има и актуелни пратеници што немаат никаква комуникација со сегашното раководство.
„Кога дел од пратениците ќе излезат од пратеничката група, кога општинските организации ќе ви ги затворат вратите, тогаш ќе стане јасно дека мора да си заминете“, порача Шилегов.
Поранешниот градоначалник потсети дека бил разрешен од потпретседателската функција за време на таканаречената „Операција метла“, а подоцна, според него, не бил свикан ниту конгресот што јавно го барале бројни активни членови по локалните избори.
Шилегов ја оспори и легитимноста на најавениот партиски конгрес, наведувајќи дека во СДСМ владеат апатија, пасивизација на членството и изолација од јавноста. Според него, партијата го изгубила својот социјалдемократски идентитет, а членството не може да се идентификува со актуелните политики и одлуки на раководството.







One thought on “Шилегов најавува преполовување на пратеничката група на СДСМ и внатрепартиски отпор”
Comments are closed.