Кривична пријава за злоупотреби: Управител го оштетил РЕК Битола за речиси 90.000 евра
23/01/2026 18:05
СВР Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против М.Т. (46) од Битола, поради основано сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.
Пријавениот, кој бил управител во приватна фирма од општина Новаци, во периодот април – мај 2024 година, со пречекорување на границите на своите службени овластувања и со намера да прибави противправна имотна корист, нанел штета на РЕК Битола во износ од 5.453.700 денари, односно околу 88.678 евра.
Според пријавата, тој извршил промени на две службени барања доставени од РЕК Битола, рудник „Суводол“ до неговата фирма, кои се однесувале на набавка на ролни за јаглен за репарирање на транспортна лента.
Наместо оригиналната содржина, пријавениот неовластено ја изменил количината на бараната опрема, односно ги преправил првичните документи. Така изменетите и фалсификувани барања потоа ги употребил како доказ во правниот сообраќај при набавка на гумени прстени, со што биле реализирани незаконски финансиски трансакции на штета на државната компанија.
Од СВР Битола информираат дека случајот е целосно документиран и доставен до надлежното обвинителство, кое ќе одлучува за понатамошниот тек на постапката





