71% од граѓаните се за членство на Македонија во ЕУ, поддршката расте и кај гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, но отпорот кон уставни измени и понатаму висок
28/01/2026 16:00
Дури 71 процент од граѓаните ја поддржуваат идејата за членство на Македонија во Европска Унија, покажува најновото истражување на Институт за демократија Социетас цивилис, кое денеска беше презентирано во Собранието.
Истражувањето укажува дека ЕУ сè појасно се перципира како најдоверлив партнер на Македонија, особено во контекст на неизвесноста околу идната политика на Соединетите Американски Држави. Забележлив е и порастот на бројот граѓани кои сметаат дека државата припаѓа на Западот, по неколкугодишните дилеми за евентуално геополитичко „вртење кон исток“.
Директорот на Институтот, Марко Трошановски, истакна дека се работи за значаен скок во поддршката за ЕУ, особено кај македонската заедница, што укажува на променето општествено расположение.
Воедно, намален е процентот на граѓани кои сметаат дека Македонија веќе направила доволно за европската интеграција и дека не се потребни нови чекори – пад од околу осум проценти во однос на минатата година.
„Немаме повеќе изговори за одредени законски решенија. Ова е нашата единствена домашна задача. Сѐ друго е потрошен живот и потрошена политика“, изјави Трошановски, повикувајќи ги партиите веднаш да се фокусираат на реформите.
Иако отпорот кон уставните измени и натаму е значителен, Трошановски нагласи дека статус-квото носи загуби за сите страни, а најмногу за граѓаните.
„Време е да подадеме рака на бугарскиот сосед, да ги уважиме нивните интереси и да побараме решение според европските стандарди“, додаде тој.
Податоците покажуваат дека поддршката за ЕУ е зголемена за речиси 10 проценти во однос на лани, а раст има и кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, што аналитичарите го поврзуваат со нивното доаѓање на власт.
Истражувањето е спроведено во периодот од 22 октомври до 5 ноември 2025 година, на примерок од 1.003 испитаници, национално репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност и изборни единици, со статистичка грешка од ±3%.






