MKinformer

your daily dose of news

84 отсто од здравствените работници сметаат дека корупцијата е распространета во здравството

30/06/2026 15:47
Corrupt doctor taking bribe from a patient

Речиси 84 отсто од здравствените работници сметаат дека корупцијата е делумно или многу распространета во секторот во кој работат. Сепак, само 14 проценти од нив признаваат дека биле лично вклучени или сведочеле на коруптивен чин во нивната установа.

Ова го покажува истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, спроведено во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“.

Според ЕСЕ, здравствените работници се свесни за присуството на корупцијата, но најголем дел од нив ја прифаќаат како нормализирана појава и не ја пријавуваат.

Најчесто се примаат пари од пациенти

Над 74 отсто од испитаниците кои имале искуство со корупција рекле дека најчеста форма е директното примање пари од пациентите или од нивни блиски.

Потоа следуваат примањето подароци, упатувањето на преглед во приватна здравствена установа, препораката за купување конкретен лек и наплатувањето услуга која треба да биде бесплатна во јавното здравство.

Според истражувањето, корупција најчесто се бара или нуди за побрз термин за преглед кај специјалист, специфична медицинска услуга, прием кај конкретен доктор, добивање болнички кревет или операција без долго чекање.

„Истражувањето покажува дека корупцијата во здравството не треба да се гледа само како индивидуален случај на поткуп. Таа е поширок системски проблем, кој е поврзан со пристапот до здравствени услуги, со односите на моќ во институциите, со безбедноста на пациентите и здравствените работници, но и со довербата во системот“, вели Борјан Павловски, координатор за јавно здравје и женско здравје во Здружението ЕСЕ.

Загрижувачки податоци за гинеколошко-акушерските услуги

Особено загрижува присуството на неформални плаќања за гинеколошко-акушерски здравствени услуги.

Според истражувањето, со поткуп најчесто, односно во повеќе од 50 отсто од случаите, се „купува“ породување со царски рез без медицинска индикација, како и избор на конкретен гинеколог или тим за породување.

Важен сегмент од истражувањето е и родовата димензија, односно перцепцијата дека корупцијата различно ги погодува мажите и жените.

Испитаниците препознаваат дека најранлива категорија се жените од руралните средини со ниски приходи.

Најизложени се пациентките со помала моќ и помал избор

„Кај гинеколошко-акушерските услуги, здравствените работници како посебно изложени ги издвојуваат бремените малолетнички под 18 години, жените без здравствено осигурување, Ромките, жените од рурални средини, жените со попреченост, мигрантките, бегалките и ЛГБТИ жените“, објаснува Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на Здружението ЕСЕ.

Според неа, ова значи дека корупцискиот ризик не е ист за сите пациентки.

„Тој е поголем кога пациентката има помала моќ, помалку информации, ограничен избор и поголема зависност од системот“, вели Фришчиќ.

Истражувањето покажува и присуство на сексторција

Истражувањето потврдува и присуство на сексторција, односно барање или очекување интимна услуга во замена за здравствена услуга, документ или напредување во кариерата.

Секој петти здравствен работник слушнал или дознал дека колега или колешка побарале или очекувале интимна услуга од пациенти.

Сексторцијата, според истражувањето, е присутна и внатре во здравствените установи. Вкупно 6,3 отсто од здравствените работници биле изложени на притисок, недолични коментари или барања од интимна природа од колега, колешка или претпоставен.

Само седум отсто пријавиле корупција

Еден од главните заклучоци е дека во здравствените установи недостасува јасно изразена антикорупциска култура.

Само седум отсто од оние кои имале сознанија за корупција го пријавиле случајот. Останатите ја игнорирале или одбиле корупцијата, но без да ја пријават.

Причините за ваквиот однос се системски и конзистентни: недоверба дека нешто ќе се промени, страв од последици или нарушување на колегијалните односи, недостиг од докази и перцепција дека случајот не е доволно сериозен.

„Загрижува и недостигот на подготовка на здравствените работници за препознавање и постапување во случаи на корупција и сексторција. Дури 77,6 отсто никогаш немале обука на оваа тема, а во терцијарното здравство овој процент изнесува 82 отсто“, вели Фришчиќ.

Потребни се системски мерки

Според мислењето на здравствените работници, за борба против корупцијата неопходни се системски мерки.

Меѓу нив се заштита на пријавувачите, построги санкции и контроли, поголема транспарентност, како и подобри плати и услови за работа.

Истражувањето е спроведено преку анкета на 410 здравствени работници и соработници, како и преку полуструктурирани интервјуа со 21 директор или раководител на гинеколошко-акушерски здравствени установи.

Активноста е финансиски поддржана од Француската развојна агенција преку Expertise France, како дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, спроведуван од Здружението ЕСЕ.

error: Содржината е заштитена од копирање !!