Обвинителството отвори предмет за клиниката „Жан Митрев“ по тврдењата за притисок од Заев и Филипче
28/01/2026 20:55
Основно јавно обвинителство Скопје отвори предмет по допрен глас за случајот со клиниката „Жан Митрев“, откако сопственикот на болницата, Жан Митрев, јавно изнесе тврдења дека поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче се обиделе да го принудат да ги продаде сопственичките удели во клиниката.
По овие наводи, ВМРО-ДПМНЕ во неколку последователни прес-конференции јавно го повика обвинителството да отвори постапка и да ги испита изнесените обвинувања.
Од Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопштија дека предметот е оформен на 21 јануари 2026 година и дека веќе се преземаат конкретни дејствија.
„ОЈО Скопје постапува и веќе презема дејствија на проверки во предметот оформен по допрен глас на 21.01.2026 година од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по однос на јавно изнесените наводи од лицето Жан Митрев, доктор и сопственик на Клиника ‘Жан Митрев’ – Скопје, а кои се однесуваат на тоа дека поранешен премиер и поранешен министер за здравство се обиделе да го принудат да им ги продаде неговите сопственички удели во клиниката“, стои во соопштението.
Од обвинителството додаваат дека во рамки на предметот се вршат проверки со цел да се утврди дали постојат елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.






