Царина со акција во Струга: Запленети тутунски производи вредни 1,8 милиони денари
29/01/2026 15:59
Мобилни царински тимови и царински службеници од Царинарница Битола, во координирана акција на терен, запленија поголема количина тутунски производи без акцизни марки при контрола на малопродажен објект во Струга.
При контролата биле пронајдени вкупно 1.027 кутии цигари, 1.387 електронски цигари (вејпови), 530 цигарилоси, 503 пакувања тутун за наргиле, 77 пури и 19 пакувања тутун за пушење, сите без соодветни акцизни маркички.

Вкупната вредност на запленетата акцизна стока изнесува над 1,8 милиони денари, а со акцијата е спречено избегнување на плаќање акциза во износ од 509 илјади денари.

Од Царинска управа информираат дека со ова е спречен обид за нелегална трговија со акцизна стока, а против сторителите е поведена соодветна постапка согласно законските прописи.
Царинската управа најавува дека ќе продолжи со засилени контроли со цел сузбивање на сивата економија, заштита на буџетските приходи и зачувување на здравјето на граѓаните.





