На Блаце запленети 120 килограми тутун за наргиле
13/03/2026 8:56
Царинските службеници на граничниот премин Блаце, при влез во државата, спречиле обид за нелегален внес на 120 килограми тутун за наргиле, кој бил наменет за продажба на домашниот пазар.
Според информациите, запленетата стока има вредност од 384 илјади денари, а со акцијата е спречено избегнување на плаќање давачки во вкупен износ од 744 илјади денари. Од таа сума, 342 илјади денари се однесуваат на акциза.

Против лицето е поднесена кривична пријава за кривично дело „криумчарење“, а постапката ја водело Одделението за истраги.
Станува збор за македонски државјанин, кој набавил 480 пакувања тутун за наргиле од по 250 грама од лице од Приштина. Производите биле сокриени во багажникот на возилото, при што дел биле сместени во просторот за резервната гума, а останатите биле покриени со прекривка.
При царинската контрола, на прашањето дали има нешто за пријавување, лицето изјавило дека нема. Сепак, поради сомнеж во неговата изјава, била извршена детална проверка, при што бил откриен непријавениот тутун.

Од Царинската управа посочуваат дека од почетокот на годината се евидентирани четири случаи на кривични дела поврзани со криумчарење и нелегална трговија со тутунски производи, за кои се поднесени соодветни пријави до надлежното обвинителство.
Надлежните велат дека нелегалната трговија со тутун не само што ја оштетува државната каса, туку претставува и закана за легалниот пазар. Поради тоа, Царинската управа најавува засилени контроли и понатамошни активности за спречување на шверц со акцизна стока.





