Државата и општините со заедничка иницијатива: Ќе се градат гробишта за домашни миленици
29/01/2026 12:42
Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Оливер Миланов, заедно со стручни лица од Агенцијата, неделава одржа работни состаноци со министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
На состаноците се разговараше за повеќе актуелни прашања од надлежност на АХВ и локалните самоуправи, при што беше потенцирано дека за нивно решавање е неопходна координирана и институционална соработка. Посебен фокус беше ставен на потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините – проблем што со години останува нерешен.
Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС изразија целосна поддршка за иницијативата на Агенцијата за храна и ветеринарство, оценувајќи дека станува збор за значаен чекор кон уредување на ова чувствително, но важно прашање.
„Ова ќе претставува решавање на децениски проблем и крај на праксата, по смртта, труповите на милениците да се фрлаат заедно со комуналниот отпад или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации. За ова ќе биде неопходно да се направат и соодветни измени на одредени законски решенија“, изјави министерот Перински.
Градоначалникот Ѓорѓиевски појасни дека во следната фаза ќе следи дефинирање на соодветни локации во општините, како и планирање на потребната инфраструктура за овие гробишта да можат целосно да се стават во функција на граѓаните.
„Локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата на оваа иницијатива, која има и здравствено, и еколошко, но и цивилизациско значење“, нагласи Ѓорѓиевски.
Со оваа иницијатива, институциите најавуваат системско и долгорочно решение за хумано и безбедно постапување со починатите домашни миленици, во согласност со здравствените и еколошките стандарди.






