Пргазено дете во Визбегово: За само 30 дена од годинава 15 пешаци жртви на сообраќајот во Македонија
30/01/2026 23:50
Нова тешка сообраќајна несреќа попладнево ја вознемири јавноста, откако дете беше тешко повредено во населбата Визбегово, на периферијата на Скопје. Станува збор за, како што се наведува, околу петнаесетти случај на прегазен пешак од почетокот на годинава.
Според информациите од Министерство за внатрешни работи, 44-годишниот Ф.Ч. од Скопје управувал патничко возило марка „Опел“ со скопски регистарски ознаки, кога на крстосницата меѓу улиците „Словенечка“ и „Качанички пат“ удрил во малолетното дете.
Повреденото дете веднаш било пренесено со возило на Итна помош во Ургентен центар Мајка Тереза, каде лекарите констатирале тешки телесни повреди. Поради сериозноста на состојбата, детето е задржано на Детска хирургија на понатамошно лекување.
Од полицијата информираат дека се преземаат сите законски мерки за утврдување на причините за сообраќајната незгода и за целосно расчистување на случајот.
Овој трагичен инцидент се случува само еден ден по несреќата во Гостивар, во која 13-годишно девојче исто така беше прегазено, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на децата и пешаците на македонските улици.
Граѓаните сè погласно апелираат за засилени полициски контроли, поголема сообраќајна дисциплина и подобра хоризонтална и вертикална сигнализација, со цел да се спречат вакви трагедии во иднина.






