Случајот од Неготинско ја вознемири јавноста: Повторно се бара хемиска кастрација за педофили
31/01/2026 16:44
Речиси секој трет ден во државата се регистрира случај на сексуално насилство врз дете, покажуваат податоците и судската пракса, а последниот случај од Неготинско предизвика силни реакции и жестока јавна дебата за воведување на хемиска кастрација како мерка против педофилијата.
Според Јавно обвинителство на Република Македонија, актуелниот случај се гони по една од најтешките кривични квалификации, силување на дете кое нема наполнето 15 години. Жртвата, 13-годишно девојче од неготинскиот крај, била нападната лани во февруари од четворица мажи на возраст од 20 до 40 години. По настанот, девојчето било вратено дома, а подоцна, по психолошка поддршка и соодветни процедури, случајот бил пријавен и процесуиран.
Од Основно јавно обвинителство Кавадарци соопштија дека осомничените биле под мерки на претпазливост уште во предистражна постапка, а со отворање на истрагата, побаран е ефективен притвор. Според Кривичниот законик, за вакво дело е предвидена казна затвор од најмалку 10 години, па сè до доживотен затвор, доколку делото е сторено од повеќе лица или на особено суров начин.
По објавувањето на случајот, јавноста масовно реагираше на социјалните мрежи, повторно актуелизирајќи го прашањето за хемиската кастрација како можен механизам за спречување на повторување на вакви кривични дела. Хемиската кастрација претставува медицинско-фармаколошки третман со кој се намалува сексуалниот нагон преку хормонална терапија.
Македонското законодавство уште во 2013 година предвидуваше можност за ваква мерка, но исклучиво со доброволна согласност на осудениот и како замена за помала затворска казна. Мерката, сепак, никогаш не беше применета во практика поради отворање прашања за човековите права, недостиг од јасни протоколи и специјализирани здравствени капацитети.
Меѓу ретките организации кои континуирано се залагаат за воведување на оваа мерка е Прва детска амбасада Меѓаши. Нејзиниот директор Драги Змијанац истакнува дека сексуалната злоупотреба на деца е кривично дело со висок ризик од повторување и бара системски и храбри решенија.
Случајот повторно го отвори прашањето за тоа дали постојните казнени политики се доволни за заштита на децата и дали државата ќе преземе поостри мерки за справување со едно од најтешките кривични дела.



![ЈА ПРИНУДУВАЛ СОПРУГАТА НА ПРОСТИТУЦИЈА ЗА КОКАИН, ПРЕКУ КАМЕРА ГЛЕДАЛ КАКО СЕКСУАЛНО ЈА ЗЛОУПОТРЕБУВААТ, ПОТОА ЈА ПРЕТЕПУВАЛ И ГОРЕЛ СО ЦИГАРИ semejno-nasilstvo[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/semejno-nasilstvo1.jpg)
