Медведев: Русија не е заинтересирана за глобален конфликт, но некој посакува такво сценарио
02/02/2026 20:00
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, изјави дека светот се движи кон сè поопасна фаза и дека, иако Русија не е заинтересирана за глобален конфликт, такво сценарио не може целосно да се исклучи.
„Прагот на болка се чини дека се намалува. Не сме заинтересирани за глобален конфликт. Не сме луди. Но, не може да се исклучи глобален конфликт“, изјави Медведев во интервју за Ројтерс, ТАСС и рускиот воен блогер ВарГонзо.
Тој предупреди дека меѓународната заедница треба сериозно да биде загрижена доколку договорот Нов СТАРТ истече без да биде заменет со нов, бидејќи тоа би значело дека големите нуклеарни сили за првпат од почетокот на 1970-тите години би останале без никакви ограничувања.
Договорот „Нов СТАРТ“, потпишан во 2010 година од тогашниот американски претседател Барак Обама и Медведев, кој во тој период беше претседател на Русија, го ограничува бројот на распоредени стратешки нуклеарни боеви глави на 1.550 за САД и Русија. Тој истекува на 5 февруари, а според руските власти, Москва сè уште нема добиено официјален одговор од Вашингтон на предлогот на Владимир Путин за едногодишно продолжување на постојните ограничувања.
„Не сакам да кажам дека ова значи непосредна катастрофа или почеток на нуклеарна војна, но тоа мора да ги загрижи сите“, изјави Медведев, додавајќи дека „часовникот на судниот ден отчукува и може дополнително да се забрза“.
Во јануари, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да дозволи договорот да истече. „Ако истече, истече. Ќе направиме подобар договор“, рече Трамп.
Медведев нагласи дека договорите за контрола на оружјето не служат само за ограничување на нуклеарните арсенали, туку и за градење доверба и проверка на намерите меѓу големите сили. „Кога има договор, има доверба. Кога нема договор, довербата е исцрпена“, истакна тој.
Тој оцени дека светот станува „многу опасно место“, посочувајќи на низа глобални кризи – од Венецуела до Гренланд – кои, како што рече, се „премногу“ за меѓународната стабилност. Во таа насока, Медведев ги отфрли западните тврдења за руска или кинеска закана за Гренланд, оценувајќи ги како „хорор приказни“ создадени за оправдување на сопствените политички потези.






