Македонија под лупа на ЕУ: стопирани ИПАРД исплати до расчистување на аферата
10/11/2025 18:15
Исплатите од ИПАРД 3 програмата во износ од 128 милиони евра се привремено стопирани, поради истрагата што се води во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Одлуката е донесена од националните институции, а ја потврди и Европската делегација во Скопје.
Од Делегацијата на Европската Унија соопштија дека ја поздравуваат мерката за суспензија на сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите околу случајот. Според нив, целта е да се заштитат финансиските интереси на Унијата и да се обезбеди транспарентно користење на европските фондови.
„Европската комисија е запознаена со истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, која го опфаќа директорот на Агенцијата одговорна за ИПАРД програмата. Очекуваме институциите во Северна Македонија да постапат со целосна сериозност“, порачаа од ЕУ.
Министерството за финансии денеска официјално потврди дека исплатите се прекинати, нагласувајќи дека одлуката следи по „актуелните случувања“ во Платежната агенција. За суспензијата веднаш биле известени Европската комисија и службите во Брисел, кои позитивно ја оцениле реакцијата на македонските власти.
„Целта е да се обезбеди легалност и регуларност на исплатите и да се гарантира дека постојат ефективни мерки против можни злоупотреби и корупција“, соопшти Министерството.
ИПАРД 3 програмата, со вкупна финансиска рамка од 128 милиони евра (96 милиони од ЕУ и остатокот од национално кофинансирање), е клучен инструмент за поддршка на земјоделците и руралниот развој. Нејзината реализација ќе остане стопирана сè додека не завршат сите проверки и не се воспостави целосна доверба во системот на управување со европските средства.






