MKinformer

your daily dose of news

Повеќе од 15.900 казни за еден месец, 74 лица уапсени за безобѕирно управување

02/02/2026 14:27

Во периодот од 1 до 31 јануари 2026 година, како резултат на засилените и редовни сообраќајни контроли што ги спроведоа полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи низ државата, издадени се вкупно 15.943 платни налози за различни сообраќајни прекршоци.

Најголем дел од санкциите, односно 3.683, се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, што и понатаму останува една од водечките причини за сообраќајни незгоди.

Поради безобѕирно управување со моторно возило, согласно член 297-а од Кривичниот законик, лишени од слобода биле 74 лица. Од нив, 67 возачи управувале возило под дејство на алкохол, еден под дејство на дрога и психотропни супстанци, еден возел во забранет правец, еден возач возел со прекумерна брзина во населено место, а четири лица биле санкционирани за пречекорување на дозволената брзина надвор од населено место.

Според статистиката на Министерство за внатрешни работи, во текот на јануари регистрирани се и 4.233 прекршоци за неправилно паркирање, додека 1.611 мерки се изречени за управување возило без возачка дозвола. Дополнително, евидентирани се 474 санкции за возење под дејство на алкохол.

Во рамки на контролите согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се 16 мотоциклисти за неносење заштитен шлем, 184 пешаци, како и еден возач на електричен тротинет. Исто така, казнети се 1.093 учесници во сообраќајот поради некористење сигурносен појас.

Согласно Законот за возила, од сообраќај биле отстранети 310 нерегистрирани возила и 141 возило поради техничка неисправност. Санкции добиле и 90 возачи поради несоодветно затемнување на стаклата на возилата, како и еден возач за неовластено користење светлосни и звучни уреди, т.н. флешери.

Од МВР информираат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период, апелирајќи до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!