MKinformer

your daily dose of news

Инфантино најавува враќање на Русија во фудбалот: Суспензијата не постигна ништо

03/02/2026 11:05

Претседателот на Меѓународна фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека руските фудбалски клубови и репрезентацијата на Русија наскоро би можеле повторно да се вратат на меѓународната сцена, повикувајќи на прекин на четиригодишната суспензија.

Во разговор за Sky Sports, Инфантино истакна дека забраната за учество на Русија во меѓународните натпреварувања не дала резултати и, според него, само придонела за зголемена фрустрација и поделби.

ФИФА ја суспендираше Русија по инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, поради што земјата беше исфрлена од Светското првенство во Катар и не учествуваше во квалификациите за Мундијалот 2026, кој ќе се одржи во Соединети Американски Држави, Канада и Мексико.

„Мораме сериозно да го разгледаме враќањето на Русија. Оваа забрана не постигна ништо, освен што создаде повеќе омраза и фрустрација“, изјави Инфантино, додавајќи дека негов приоритет е повторно вклучување на младинските репрезентации.

Тој нагласи дека би било позитивно руските деца и млади повторно да имаат можност да настапуваат на меѓународни турнири. „Би помогнало девојчињата и момчињата од Русија повторно да играат фудбал низ Европа“, посочи првиот човек на ФИФА.

Инфантино исто така истакна дека лично се противи на вакви забрани и смета дека ФИФА треба да вгради принцип во своите статути со кој ниту една земја не би била санкционирана поради постапките на нејзините политички лидери.

Изјавите на Инфантино веќе предизвикаа реакции во фудбалската јавност и се очекува темата за евентуалното враќање на Русија да биде отворена и на следните состаноци на водечките фудбалски тела.

error: Содржината е заштитена од копирање !!