Трамп ѝ „дозволи“ на иранската репрезентација да учествува на Светското првенство
01/05/2026 9:33
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е во ред иранската фудбалска репрезентација да настапи на Светското првенство, кое во јуни и јули ќе се игра во Северна Америка.
Изјавата дојде откако претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, потврди дека Иран ќе биде дел од турнирот и дека ќе игра натпревари и во Соединетите Американски Држави.
На новинарско прашање во Овалната соба, Трамп кусо одговори дека, ако Инфантино го кажал тоа, тогаш е во ред. Со зборовите „нека играат“, тој практично испрати порака дека од американска страна нема пречка за настапот на Иран.
Темата предизвика внимание поради зголемените политички и безбедносни тензии околу Иран. Во дел од медиумите се отвори прашањето дали актуелната состојба би можела да влијае врз настапот на иранската репрезентација на Мундијалот.
Сепак, пораките што стигнаа од ФИФА и од Трамп засега упатуваат дека Иран ќе биде дел од Светското првенство. Така, спортот барем во овој случај останува одвоен од геополитичките конфликти.






