MKinformer

your daily dose of news

ВМРО-ДПМНЕ вечерва избира нов Извршен комитет и генерален секретар

06/02/2026 12:14

ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи седница на Централниот комитет (ЦК), на која ќе се избираат нов состав на Извршниот комитет (ИК) и нов генерален секретар на партијата.

Претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски најави дека во овој мандат ВМРО-ДПМНЕ ќе функционира со поинаква организациска структура – без потпретседатели. Партијата ќе има претседател, генерален секретар и членови на Извршниот комитет, при што досегашните потпретседатели ќе бидат предложени како членови на ИК, заедно со нови имиња.

Во интервју за национална телевизија, Мицкоски појасни дека новиот Извршен комитет ќе брои 29 членови. По автоматизам, во ИК ќе членуваат координаторот на пратеничката група, претседателите на Унијата на жените, Унијата на младите и Унијата на ветераните, како и претседателот и генералниот секретар на партијата.

Тој најави дека ќе предложи ЦК да донесе одлука за распишување избори за нови претседатели на Унијата на ветераните, Унијата на младите и Унијата на жените, а очекува меѓу 20 и 25 проценти од составот на Извршниот комитет да бидат нови лица.

„Партијата во овој мандат нема повеќе да има потпретседатели. Ќе има рамен терен за сите што сметаат дека можат да додадат вредност, и во партијата и во Владата. Во пресрет на 2029 година, ВМРО-ДПМНЕ ќе оди кон ново раководство и нови кадровски решенија“, изјави Мицкоски.

Премиерот најави дека првиот состанок со новиот состав на ИК ќе се одржи следната недела, кога ќе се донесе одлука за генерален реизбор на општинските комитети. Во истиот период се очекуваат и кадровски решенија за претседател на Градскиот комитет и за дел од републичките партиски комисии.

Паралелно со внатрепартиските процеси, како што истакна Мицкоски, ќе започнат и разговори за кадровски промени во Владата и евентуално прераспределување на ресори. Очекува целиот процес да биде заокружен до мај или јуни, а од есен да започне и ажурирање на членството на партијата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!