MKinformer

your daily dose of news

Македонско-српска поетска средба: Промовирана „Божиќна стихозбирка“

08/02/2026 17:45

На Универзитет Скопје се одржа македонско-српска поетска средба, на која свечено беше промовирана двојазичната книга „Божиќна стихозбирка“, заеднички проект на поети од Македонија и Србија.

Во стихозбирката се застапени 72 поети од Република Македонија, Република Србија и Република Српска, а поетските творби се објавени на македонски и српски јазик, што ѝ дава посебна културна и книжевна вредност.

Најголема заслуга за реализацијата на оваа двојазична книга имаат издавачот Боривоје Боро Живаљевиќ, кој беше коорганизатор за прибирање литературни творби од Србија, како и претседателката на Здружение на просветни работници, литературни творци на Македонија, Благојка Филипчева. Таа, покрај организацискиот ангажман, на волонтерска основа изврши и значаен преведувачки труд, препевајќи голем дел од македонските песни на српски, како и српските автори на македонски јазик.

На настанот се обратија Благојка Филипчева, Боро Живаљевиќ и Виолета Ачкоска, по што присутните автори прочитаа по една песна од своето творештво вклучено во збирката.

Музичкиот дел од вечерта го збогати Ристана-Рина Николова, која изведе духовна музика и неколку композиции од својот репертоар, а во чест на гостите од Србија изведе и стара српска народна песна.

Настанот помина во исклучително пријатна атмосфера, а учесниците ја оценија поетската средба како културен мост што ги зацврстува пријателските и книжевни врски меѓу Република Македонија и Република Србија.

Пишува
Милева Лазова

error: Содржината е заштитена од копирање !!