КАТИЦА ЌУЛАВКОВА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА
01/08/2024 15:02
Познатaта македонска поетеса, книжевна теоретичарка, aкадемик Катица Ќулавкова е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија.
Ќулавкова е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Небото ми е дома“ (Духовна поезија) во издание на Струмичка православна епархија. Таа е добитнича по вторпат на ова највисоко признание, откако во 1989 година ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Жедби“.
Жири комисијата после прочитот на сите 53 пристигнати книги направи заедничка селекција и во потесен круг од пет книги влегоа збирките (редоследот е според почетните букви од презимињата на авторите)
1. „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорго Димоски (издание на ПНВ публикации);
2. „Килибар и младост“ од Гордана Михаилова Бошнакоска (издание на Макавеј);
3. „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска (издание на Чудна Шума);
4. „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков (издание на ТРИ);
5. „Небото ми е дома“ (духовна поезија) од Катица Ќулавкова (издание на Струмичка православна епархија).
Од овие пет поетски збирки, жири- комисијата едногласно донесе одлука наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга меѓу две изданија на Фестивалот да ѝ биде доделена на книгата „Небото ми е дома“ (духовна поезија) на поетесата Катица Ќулавкова.






