Здравствен аларам на Олимписките игри: Норовирус во швајцарската хокеј репрезентација
08/02/2026 15:47
Женската репрезентација на Швајцарија во хокеј на мраз, која настапува на Олимписките игри Милано–Кортина, е ставена во итна изолација, откако една од хокеарките била позитивна на норовирус, соопшти Швајцарската федерација за хокеј на мраз.
Поради превентивните мерки, швајцарскиот тим не присуствувал на свечената церемонија на отворање на Игрите. Од федерацијата информираат дека позитивниот тест бил потврден по победата над Чешка со 4:3, и тоа непосредно пред официјалниот почеток на олимписката манифестација.
Заразената спортистка веднаш била изолирана од остатокот од екипата, откако се појавиле првите симптоми. Според соопштението, таа не покажувала никакви знаци на болест до петокот наутро. По консултација со медицински експерти, како мерка на претпазливост, целиот тим бил ставен во карантин.
Од Швајцарската федерација за хокеј на мраз нагласуваат дека досега нема други регистрирани случаи на инфекција меѓу репрезентативките и дека здравствената состојба се следи постојано.
Швајцарија е втората репрезентација на олимпискиот турнир во женски хокеј која се соочува со норовирус. Претходно, вирусот беше регистриран и кај селекцијата на Финска, поради што беше одложен нивниот натпревар против Канада.





