MKinformer

your daily dose of news

Судири во Милано на протест против Олимписките игри

07/02/2026 23:20

Денес на масовениот протест против одржувањето на Зимските олимписки игри, во Милано дојде до судири меѓу демонстрантите и италијанската полиција, јавува локалниот медиум Milano Today.

Иако протестниот марш започна како мирна прошетка низ центарот на градот, ситуацијата ескалираше кога дел од учесниците почнаа да фрлаат факели и шишиња кон полицијата, карабињерите и припадниците на Финансиската гарда. Безбедносните сили реагираа со употреба на водени топови и солзавец за да ја растурат толпата.

Според проценките, на протестот учествувале околу 10.000 лица. Собирот беше организиран од Комитетот против домаќинството на Олимписките игри (CIO), заедно со локални синдикати, здруженија за права на домување и социјални центри. Демонстрантите го критикуваа економскиот модел поврзан со Олимписките игри, оценувајќи дека е неодржлив и штетен за жителите на Милано.

Инцидентите се случиле кога колоната пристигнала на улицата Марокети, каде што група маскирани демонстранти облечени во црно започнале со насилни дејствија. Судирите траеле неколку минути, а според првичните информации, биле извршени и неколку апсења.

И покрај тензиите, протестниот марш продолжил, а полициското присуство било засилено особено во близина на Олимпиското село, со цел да се спречат нови инциденти. Колоната, долга речиси четири километри, носела транспаренти со антиолимписки и социјални пораки.

На почетокот на протестот, демонстрантите изведоа и симболичен „флеш моб“, кревајќи картонски дрвја како знак на протест против, како што наведоа, уништувањето на шумите во Кортина д’Ампецо поради изградбата на олимписката инфраструктура. Меѓу учесниците имаше и пропалестински групи со транспаренти против израелската офанзива во Газа.

error: Содржината е заштитена од копирање !!