Андреа Бочели ќе пее на отворањето на ЗОИ Милано-Кортина 2026
11/01/2026 20:58
Италијанскиот тенор Андреа Бочели е официјално најавен како дел од свечената церемонија за отворање на Зимски олимписки игри Милано-Кортина 2026, соопштија организаторите на настанот.
Настапот на Бочели се најавува како еден од најемотивните и најимпресивни моменти на церемонијата. Тој веќе има олимписко искуство, откако беше дел од затворањето на Зимски олимписки игри Торино 2006, а неговото враќање се опишува како симболичен мост меѓу музиката, спортот и италијанското културно наследство.
Свеченото отворање ќе се одржи на 6 февруари 2026 година на легендарниот стадион Сан Сиро во Милано. Продукцијата на церемонијата е доверена на Balich Wonder Studio, познато по спектакуларни глобални настани.
Организаторите најавуваат програма исполнета со визуелни и музички елементи кои ќе ја слават италијанската култура, креативност и иновации, со учество на бројни меѓународни ѕвезди.
Како прво големо музичко изненадување е потврден и настап на американската поп-ѕвезда Мараја Кери, додека на сцената ќе се појави и една од најпознатите италијански пејачки на светската сцена, Лаура Паузини.
Со ваков уметнички состав, отворањето на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина ветува спектакл кој ќе ја надмине спортската рамка и ќе се претвори во глобален културен настан.





