MKinformer

your daily dose of news

Заев бара извинување од ВМРО-ДПМНЕ: Ако не престанат лагите, ќе следуваат тужби

08/02/2026 13:05

Поранешниот лидер на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев најави дека ќе побара институционално да се исчисти, како што вели, „дамката“ од неговото име, по, според него, континуираните напади и обвинувања од страна на актуелната власт и ВМРО-ДПМНЕ.

Во објава на Фејсбук, Заев наведува дека најпрво јавно бара извинување, а доколку тоа не се случи во законски предвидениот рок, ќе прибегне кон тужби. Тој ги отфрла сите наводи за наводно купување болници, градење облакодери во Дубаи и последните инсинуации дека е вмешан во нелегална трговија со марихуана.

„Веќе пет години сум надвор од политиката и речиси секој ден по моето повлекување, раководството на ВМРО-ДПМНЕ, нивните портпароли и медиуми шират лаги, клевети и навреди за мене“, пишува Заев, потенцирајќи дека нема никаква поврзаност со случаите со запленетиот медицински канабис, ниту со наводните повици до Царинската управа.

Тој јавно побара извинување од пратеникот Бране Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека ќе ги искористи сите правни механизми за, како што вели, да ја докаже вистината и да го заштити својот углед.

„Никогаш не сум сакал да тужам и секогаш сум се борел за слобода на говор. Но, сега е доста. Доколку не се извинат, ќе поднесам тужба и ќе се борам со сите правни средства“, порача Заев.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираа веднаш, обвинувајќи го поранешниот премиер дека, како што наведуваат, „се јавил во одбрана на својот криминал“. Од партијата повторија дека случајот со запленетиот канабис е поврзан со фирми и лица блиски до Заев и побараа тој јавно да одговори на прашањата поврзани со бизнисот со медицински канабис.

error: Содржината е заштитена од копирање !!