MKinformer

your daily dose of news

За штетите од земјотресот во 2022 Битолчани добија по 81, 192 и 357 денари

10/02/2026 23:58

Реакциите во јавноста не стивнуваат откако дел од битолчани деновиве почнаа да ги добиваат исплатите за штетите од земјотресите што го погодија градот во јануари 2022 година. Според сведоштвата на граѓаните, на нивните банкарски сметки биле префрлени симболични износи, некои добиле 81 денар, други 192, а дел и 357 денари, што предизвика силен револт и бројни реакции на социјалните мрежи.

По речиси две години чекање, Владата на Република Македонија во октомври 2024 година донесе одлука за обезбедување парична помош во висина од 5 проценти од проценетата штета. Средствата беа префрлени на наменска сметка на Битола кон крајот на 2024 година, а исплатата започна дури деновиве.

Битола беше погодена од серија земјотреси во јануари 2022 година, со епицентар во близина на Лерин, во северна Грција. Најсилниот потрес, со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер, се случи вечерта на 9 јануари, по што следуваа десетици помали потреси. Земјотресите предизвикаа оштетувања на училишта, градинки, Клиничката болница во Битола, како и на голем број станбени објекти.

Веднаш по земјотресите, Општина Битола формираше комисии за проценка на штетите, а изработениот елаборат беше усвоен од Советот на општината на 27 декември 2022 година и доставен до Владата со барање за финансиска помош.

Според објави и коментари на социјалните мрежи, за околу 2.400 оштетени граѓани биле одобрени средства во просек од околу 700 денари по лице, додека, како што тврдат граѓаните, за работата на комисијата за проценка на штетите биле потрошени околу еден милион денари. Овие наводи дополнително ја засилија јавната дебата за начинот на распределба на средствата, нивната висина и транспарентноста на целиот процес.

Граѓаните бараат јасни одговори од надлежните институции, оценувајќи дека исплатените суми не соодветствуваат на реалната штета што ја претрпеле нивните домови и објекти, додека дел од нив отворено го доведуваат во прашање и кредибилитетот на проценките.

One thought on “За штетите од земјотресот во 2022 Битолчани добија по 81, 192 и 357 денари

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!