MKinformer

your daily dose of news

14.000 евра за Комисијата, по 81 денар за граѓаните: Нов бран реакции во Битола

11/02/2026 13:47

Нов бран реакции ја потресе јавноста во Битола, откако беа објавени податоци дека на седум лица од Комисијата за проценка на штетите од земјотресот во 2022 година им биле исплатени околу 14.000 евра, додека оштетените граѓани деновиве добиваат во просек по околу 700 денари.

Според податоците објавени на порталот „Отворени финансии“, на 13 октомври 2023 година биле исплатени вкупно 843.210 денари кон дел од членовите на Комисијата. Двајца експерти, градежен инженер и дипломиран правник, добиле по околу 2.200 до 2.500 евра, додека петмина административци од Општината примиле износи од 1.650 до 1.980 евра.

Членовите на Комисијата, 5 експерти и 15 општински службеници, биле именувани согласно одлуките објавени во Службениот гласник на Општината. Според тие одлуки, за секој обработен предмет им следувале 360 денари, што, според пресметките, значи дека биле решени околу 2.342 предмети.

Комисијата ја проценила вкупната штета од земјотресите на 35.690.926 денари (околу 584.617 евра) и изработила елаборат доставен до Владата на Република Македонија. Владата во октомври 2024 година одлучила да обезбеди средства во висина од 5% од проценетата штета, односно 1.784.546 денари (околу 29.000 евра).

Тоа значи дека за околу 2.400 оштетени граѓани, просечната исплата изнесува околу 750 денари (приближно 12 евра) по лице, што предизвика жестоки реакции во јавноста.

Од Општина Битола посочиле дека исплатите кон проценителите биле извршени согласно одлука на Советот и бројот на обработени предмети, но не одговориле конкретно колку изнесуваат најниските и највисоките исплати кон оштетените граѓани, повикувајќи се на Законот за заштита на лични податоци.

Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ реагираше дека „битолчани добија по 81 денар за штетите од земјотресот“, оценувајќи дека постои сериозна диспропорција меѓу исплатите за граѓаните и надоместоците за Комисијата.

Во јануари 2022 година, Битола беше погодена од серија земјотреси со епицентар во близина на Лерин, од кои најсилниот беше со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер. Земјотресите предизвикаа оштетувања на јавни установи и голем број приватни објекти.

Средствата од државниот буџет биле префрлени на наменска сметка на Општината на 24 декември 2024 година, а исплатата започна повеќе од една година подоцна. Од Општината наведуваат дека доцнењето се должело и на неточни податоци доставени од дел од граѓаните.

За штетите од земјотресот во 2022 Битолчани добија по 81, 192 и 357 денари

error: Содржината е заштитена од копирање !!