Москва и Париз ги обновуваат контактите: Можно брзо воспоставување дијалог меѓу Путин и Макрон
10/02/2026 16:35
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска потврди дека Русија ги обновила техничките контакти со Франција, оценувајќи дека тоа би можело да отвори пат за брзо воспоставување директен дијалог меѓу рускиот претседател Владимир Путин и францускиот претседател Емануел Макрон.
Песков нагласи дека Москва ги цени изјавите на Макрон за потребата од одржување и обновување на односите со Русија, додавајќи дека „сведувањето на односите на нула е нелогично, контрапродуктивно и штетно за сите страни“.
„Русија отсекогаш била поддржувач на дијалогот. Најсложените и најитните проблеми не можат сами да се решат, а конфронтацијата не носи решение“, истакна Песков, пренесуваат руските и француските медиуми.
Тој додаде дека, освен Париз, другите европски престолнини засега не покажале подготвеност за продолжување на дијалогот со Москва.
Во интервју за германскиот весник Зидојче цајтунг, Макрон потврди дека комуникациските канали меѓу Франција и Русија се обновени на техничко ниво, потенцирајќи дека е потребен заеднички европски пристап.
„Не треба да има премногу соговорници. Потребен е мандат и јасна структура. Мора да биде можно да се продолжи дијалогот со Русија“, изјави Макрон, нагласувајќи дека Европа не смее да биде зависна од трети страни во разговорите со Москва.
Францускиот претседател оцени и дека војната во Украина влегува во својата завршна фаза, бидејќи двете страни, поради исцрпеност, почнуваат да бараат начин како конфликтот да се заврши.
„Нашата географија нема да се промени. Русија ќе остане наш сосед. Затоа мораме да ги структурираме разговорите со Русија без наивност, без притисок врз Украина, но и без зависност од други актери“, порача Макрон.




