Телфонски разговор од два часа помеѓу Путин и Макрон
02/07/2025 8:45
Францускиот претседател Емануел Макрон го повика рускиот претседател Владимир Путин на „итен“ прекин на огнот во Украина за време на нивниот прв телефонски разговор од септември 2022 година, соопшти денеска Елисејската палата.
За време на двочасовниот разговор, Макрон инсистирал на започнување суштински преговори за ставање крај на конфликтот, соопшти француското претседателство. Макрон ја нагласил „непоколебливата поддршка на Франција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“ и повикал на „прекин на огнот што е можно поскоро, проследен со преговори меѓу Украина и Русија за одржливо и трајно решение на конфликтот“, се вели во соопштението на Елисејската палата.
Путин во разговорот рекол дека украинскиот конфликт е директна последица на политиките на западните земји.
„Украинскиот конфликт е директна последица на политиката на западните земји, кои со години ги игнорираа безбедносните интереси на Русија, создадоа антируско упориште во Украина и го толерираа кршењето на правата на рускојазичните граѓани“, рече Путин, соопшти Кремљ.
Путин оцени дека решението во Украина треба да биде сеопфатно, да ги отстрани коренските причини и да се базира на реалноста на теренот.
„Западните земји водат политика на продолжување на воените операции, хранејќи го режимот во Киев со разни современи оружја“, нагласи рускиот лидер, пренесува ТАСС.
Путин и Макрон ја истакнаа важноста од почитување на правото на Иран на мирна нуклеарна енергија и исполнување на неговите обврски според Договорот за неширење, вклучително и соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Претседателите на Русија и Франција се обврзаа да ја решат кризата околу Иран и другите конфликти во регионот преку дипломатија.
Тие, исто така, се согласија да продолжат со контактите за можна координација на ставовите за решавање на проблемите на Блискиот Исток.
Тие особено ја нагласија одговорноста на Русија и Франција како постојани членки на Советот за безбедност на ОН во зачувувањето на мирот и безбедноста, според соопштението на Кремљ.




