MKinformer

your daily dose of news

Штрајк ја приземјува „Луфтханза“: Пилотите и кабинскиот персонал излегуваат на протест

12/02/2026 9:28

Германскиот авиогигант Lufthansa се соочува со сериозни нарушувања во авионскиот сообраќај поради најавената 24 часовна блокада на пилотите, закажана за 12 февруари. Од компанијата оценуваат дека станува збор за „целосно непотребна ескалација“, но веќе е јасно дека протестот ќе приземји голем број авиони и ќе предизвика проблеми за десетици илјади патници.

Еднодневната блокада ја организира синдикатот на германските пилоти Vereinigung Cockpit, а ќе ги опфати пилотите на авиокомпанијата, како и од товарниот сектор Lufthansa Cargo. Спорот меѓу синдикатот и раководството се однесува на условите за пензионирање, тема за која преговорите траат подолг период без конкретен договор.

Сите полетувања од Германија под ризик

Од синдикатот најавија дека блокадата ќе ги погоди сите летови што полетуваат од германските аеродроми во четврток. Веќе се забележуваат масовни откажувања и измени во распоредот, а најголем притисок се очекува на аеродромите во Франкфурт и Минхен, двата најголеми хаба на компанијата.

Информативните табли на аеродромите покажуваат десетици откажани летови, вклучително и на долги интерконтинентални релации. Од „Луфтханза“ информираат дека патниците ќе бидат пренасочувани кон летови на други превозници од групацијата или кон партнерски авиокомпании, со цел да се намали штетата.

Остра реакција од раководството

Директорот за човечки ресурси во „Луфтханза“, Михаел Нигеман, остро ја критикуваше одлуката за штрајк, нагласувајќи дека компанијата нема финансиски капацитет да ги исполни барањата на синдикатот во нивната сегашна форма. Според него, решение може да се постигне исклучиво преку продолжување на преговорите.

Ситуацијата дополнително се комплицира откако синдикатот на кабинскиот персонал ги повика своите членови во регионалниот превозник Lufthansa CityLine да се приклучат на штрајкот. Причината за нивниот протест е планираното гасење на дел од операциите и несогласувањата околу социјалниот план за вработените.

error: Содржината е заштитена од копирање !!