ДЗС бара дополнителни пилоти за ер трактори пред летната сезона
08/04/2026 10:09
Директорот на ДЗС со извидувачки лет над Штип, бара дополнителни пилоти за „ер трактори“
Стојанче Ангелов се сретна со пензиониран комерцијален пилот и инструктор за можности за основна обука. ДЗС во моментов има пет пилоти, а три авиони треба да бидат целосно функционални до мај, пред летната сезона на пожари.
Извидувачки лет над Штипскиот регион
Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), беше на спортскиот аеродром кај Штип, каде што се сретна со Раде Ивановски, сопственик на компанијата „Римин Еар“, пензиониран пилот на комерцијални летови и инструктор. На средбата се разговарало за можностите за основна обука на „ер трактори“.
Ангелов истовремено се сретна и со тројца можни кандидати за пилоти на „ер трактори“, кои имаат над 300 авио-часови во спортско летање. Притоа, тој имаше извидувачки лет со еден од кандидатите над штипскиот регион.
Пет пилоти, три авиони до мај
Во моментов, ДЗС располага со пет пилоти на „ер трактор“. Еден авион е сервисиран и се наоѓа на аеродромот во функционална состојба, додека два се на сервис. Овие два авиона се очекува да пристигнат сервисирани и подготвени за употреба во април, а најдоцна во мај.
Со нивното враќање, ДЗС ќе биде поподготвена за летната сезона на пожари на отворено.






