Земјоделци со трактори пред Парламентот во Атина
13/02/2026 21:42
Земјоделците од цела Грција попладнево испратија јасна порака дека нема да отстапат од своите барања, кои според нив сè уште не се исполнети, преку масовен протест на плоштадот Синтагма во центарот на Атина.
Десетици трактори продефилираа низ централните улици на грчката престолнина и беа поздравени со аплауз од насобраните граѓани и случајните минувачи. Според процените, околу 50 трактори се паркирани пред грчкиот Парламент, каде што ќе останат до утре наутро.
И покрај дождот, земјоделците не се повлекоа, туку продолжија со протестот, нагласувајќи дека нивната борба ќе трае сè додека не се најдат конкретни решенија за примарниот сектор.
„Бескомпромисноста нема да помине. Имавме средби на највисоко можно ниво, се сретнавме со премиерот, но наидуваме на ѕид. Продолжуваат да го уништуваат сточарството, цената на производството останува висока. Од сето она што ни го ветија, ништо не исполнија“, изјави за МИА Вакис Циобанидис, земјоделец и сточар од областа Еврос.
Со сличен став е и земјоделецот Аристидис од Лариса, кој вели дека ниту еден од нивните клучни проблеми не е решен. „Не можеме да преживееме, трошоците за производство остануваат високи“, истакна тој.
Земјоделците од островот Крит утрово пристигнаа во Атина со траект, додека оние од северна Грција и од Пелопонез допатуваа организирано со автомобили и автобуси. Тракторите пристигнаа од централна Грција, од Кардица, Трикала и Лариса, како и од Евија, односно од региони во близина на главниот град.
Протестот во центарот на Атина се одвива под засилено полициско присуство, а земјоделците најавуваат дека доколку не добијат конкретни гаранции од владата, мобилизацијата ќе продолжи и во наредните денови.






