Грчките фармери го блокираа Парламентот во Атина
13/02/2026 10:28
Производители од цела Грција се упатија кон центарот на Атина, каде денеска се одржува масовен протест пред Парламентот на плоштадот Синтагма. Фармери, сточари, рибари и пчелари тврдат дека нивниот опстанок е доведен во прашање поради, како што велат, недоволниот одговор на владата на нивните барања.
Со приватни автомобили, автобуси и трактори, демонстрантите пристигнуваат во главниот град за митингот закажан за 16 часот. Дел од нив најавија дека ќе останат на Синтагма и во текот на ноќта.
„Нема конкретни одговори“
Од Панхеленскиот комитет на блокадите – главното координациско тело на протестите – велат дека од средбата со премиерот не добиле конкретни обврски ниту временска рамка за решавање на проблемите.
„Не добивме суштински одговори. Ни беше кажано дека прашањата ќе се разгледаат, но без конкретни предлози и рокови“, изјавиле претставници на секторот за весникот „То Вима“.
По 55 дена блокади на патишта низ земјата, производителите одлучиле да ја променат стратегијата и протестот да го пренесат во срцето на грчката престолнина.
Сообраќаен хаос во Атина
Грчките власти воведоа вонредни сообраќајни мерки поради движењето на земјоделски возила кон градот. Најголеми застои се очекуваат на автопатите што ја поврзуваат Атина со Коринт и Ламија.
Во центарот на градот се предвидуваат прекини на сообраќајот околу плоштадот Синтагма, како и на улиците Стадиу, Панепистимиу и Академиас.
Поддршка од синдикатите
На протестот им се приклучуваат и синдикати, кои најавуваат „заедничка борба“ против новиот закон за работни односи што го оценуваат како неповолен за работниците.
Според нив, предложените измени ги ослабуваат колективните договори и ги ограничуваат основните работнички права. Тие повикуваат на масовна поддршка за денешниот протест, нагласувајќи дека прашањето не ги засега само производителите, туку и потрошувачите.
„Нашиот опстанок не е предмет на преговори“, порачаа организаторите.





