Трајановски остро: Урбан хаос наместо решение во Чаир
13/02/2026 15:31
Членот на Управниот одбор на ГРОМ и поранешен заменик-градоначалник и советник во Град Скопје, Александар Трајановски, со остра и директна реакција ја отвори темата за најавеното проширување на улицата „Лазо Трповски“ во Чаир, оценувајќи дека наместо решенија, се создава нов урбан хаос.
„Оваа постоечка улица има четири ленти, по две во секоја насока и не знам зошто би се проширувала дополнително“, потенцира Трајановски, додавајќи дека реалноста на терен покажува оти тротоарите и дел од коловозот веќе се користат како импровизиран паркинг.
Според него, наместо прво да се воведе ред во сообраќајот и паркирањето, се најавува нов инфраструктурен зафат без јасно образложение.
Особено спорна, како што наведува, е најавата за уште еден кружен тек:
„Талентиве ќе правеле уште еден кружен тек, дваесетина метри пред постоечкиот. Кому му треба тоа?“
Трајановски отвора и сериозни дилеми околу новите 200 паркинг места:
„Новите 200 паркинг мест, а за кого се? За дивоградбите во Чаир? Ги аминувате ли?“
Со вакви јасни и недвосмислени прашања, Трајановски бара транспарентност, отчетност и план што ќе биде во интерес на граѓаните, а не на, како што алудира, сомнителни урбанистички решенија.





