MKinformer

your daily dose of news

Паркинзи Центар со нови правила: бесплатно за прво возило, 500 денари за второ, 1500 денари трето возило

18/05/2026 15:47

Во услови на сè поголем број возила и ограничен јавен простор, паркирањето станува едно од најчувствителните прашања за жителите на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ велат дека со новите одлуки на Советот на Општина Центар се воведува нов систем на паркирање, со цел јавниот простор да се користи порационално и жителите полесно да доаѓаат до паркинг место во близина на својот дом.

Според претпријатието, новиот модел треба да ги намали злоупотребите, да го поттикне користењето на жителските гаражи и паркинг места и да овозможи поефикасно користење на постојните капацитети.

Ова особено се однесува на населбите Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и потесното централно градско подрачје, каде притисокот врз паркинг просторот е најголем.

Повластените карти веќе нема да се издаваат по жител

Една од најважните промени е начинот на издавање на повластените паркинг-карти.

Наместо како досега, по жител, тие отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адреса.

Од ПОЦ велат дека досегашниот систем создал сериозен дисбаланс, бидејќи во едно домаќинство со повеќе пријавени лица можело да се регистрираат повеќе возила под повластени услови.

Тоа, според нив, дополнително го оптоварувало и онака ограничениот паркинг капацитет.

Бесплатно за прво, надомест за второ и трето возило

Со новите правила, секое домаќинство ќе има право на бесплатно користење повластен паркинг за првото возило.

За второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари.

За третото возило надоместокот ќе изнесува 1.500 денари месечно.

Од претпријатието велат дека ова не е мерка за ограничување, туку обид да се воведе повеќе баланс и одржливост во користењето на јавниот простор.

Целта е помал метеж и повеќе ред

Од ПОЦ нагласуваат дека новите правила имаат и поширока урбана цел.

Според нив, кога јавниот простор се користи без јасни правила, се добива нерамномерно користење, непрописно паркирање и дополнителен сообраќаен метеж.

Со новиот систем, како што велат, треба да се создаде пофункционален градски простор и подобар квалитет на живот за граѓаните.

Пари за нови паркинг места и модернизација

Паралелно со реформите, ЈП ПОЦ најавува и инвестиции.

Средствата, според претпријатието, ќе се користат за обезбедување нови паркинг места, проширување и подобро искористување на постојните капацитети, како и за модернизација и дигитализација на услугите.

Најавено е и унапредување на паркинг инфраструктурата, како и подобрување на контролата и наплатата.

Крајната цел, велат од ПОЦ, е создавање современ, функционален и долгорочно одржлив систем на управување со паркирањето во Центар.

error: Содржината е заштитена од копирање !!