MKinformer

your daily dose of news

Обвинителството отвори предмет за загадената вода во Струга

13/02/2026 14:45

Основното јавно обвинителство во Струга отвори предмет по информациите за сериозно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга.

Од обвинителството информираат дека целта е да се утврдат причините за енормното загадување, како и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.

Во координација со Министерството за внатрешни работи, ОВР Струга, издадена е наредба до правосудната полиција за вршење увид на локација во селото Шум. Токму таму се наоѓаат изворите од кои градот Струга се снабдува со вода за пиење.

На увидот ќе присуствуваат и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и експерти од Центарот за јавно здравје. Нивната задача ќе биде да извршат детална проверка на состојбата, да земат примероци и да утврдат дали постои ризик по здравјето на граѓаните.

Обвинителството најавува дека ќе бидат преземени и други истражни дејствија со цел целосно расчистување на случајот.

Случајот со загадувањето на водата во Струга предизвика сериозна загриженост кај јавноста, особено поради значењето на безбедната вода за пиење за здравјето и секојдневниот живот на граѓаните.

Надлежните институции најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите нови сознанија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!