Ноќна полициска акција: двајца возачи приведени ги прикривале табличките
14/02/2026 20:16
Во текот на ноќта меѓу 13 и 14 февруари, во периодот од 19:00 до 03:00 часот, полициски службеници од СВР Скопје спроведоа засилени контроли на подрачјето на Скопје, конкретно во реоните на Центар Скопје и Бит Пазар, со цел одржување на поволна безбедносна состојба во централното градско подрачје.
Акцијата беше реализирана според претходно изготвен оперативен план, при што биле извршени проверки на идентитет на 24 лица, преглед на 17 лица и контрола на четири возила. Во текот на контролата биле евидентирани седум сообраќајни прекршоци, а одземени се две возила согласно членовите 378 и 380 од Кривичниот законик.
Притоа, од слобода се лишени двајца возачи – С.С. и М.А., кои управувале патнички возила марка Mercedes-Benz со скопски регистарски таблички, поради основано сомнение за сторени кривични дела. Дополнително, констатиран е и еден прекршок по член 80 од Законот за оружје.
Паралелно со акциските активности, полицијата спровела и превентивни обиколки во парк на подрачјето на Капиштец, во близина на угостителски објект на булеварот „Партизански одреди“, како и кај игралиштето познато како „Дрвен Град“, поради секојдневното собирање на малолетни лица.
Од СВР Скопје најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период.






