Скопје-Будимпешта најчеста дестинација на владиниот авион
17/02/2026 9:49
Релацијата Скопје – Будимпешта била најчесто користена дестинација на владиниот авион во периодот од јуни 2024 до декември 2025 година, објави Телевизија Телма.
Според документите обезбедени од Служба за општи и заеднички работи при Владата, во наведениот период кон главниот град на Унгарија се летало седум пати.
Николовски најчест патник меѓу министрите
Меѓу членовите на Владата, најчесто владиниот авион го користел министерот за транспорт и врски и заменик-претседател на Владата, Александар Николовски. Тој во анализираниот период летал вкупно 11 пати, при што најголем дел од летовите биле токму на релација Скопје – Будимпешта.
Во документите се наведува и случај кога авионот бил испратен на сервис во германскиот град Нирнберг на 12 јануари минатата година. По сервисирањето, леталото продолжило кон Будимпешта, каде што го презело Николовски и се вратило во Скопје.
Министерот патувал со владиниот авион и до Лондон, Прага, Виена, како и на релацијата Скопје – Истанбул, со меѓуслетување во Охрид. Во дел од делегациите бил и поранешниот вицепремиер за економија Владимир Пешевски.
Претседателката со најмногу летови
Повеќе летови од Николовски реализирала само претседателката Гордана Силјановска Давкова, која во истиот период го користела владиниот авион 13 пати.
Нејзините патувања опфаќале регионални дестинации како Тиват, Подгорица и Тирана, како и летови до Рим, Истанбул и Копенхаген.
Податоците отвораат прашања за динамиката и фреквенцијата на користење на владиниот авион во изминатиот период.






