MKinformer

your daily dose of news

Невработеноста во Македонија бележи пад од 3,6 проценти: Се отселуваат ли работниците или се буди економијата?

27/02/2026 13:48

Бројот на невработени лица во четвртото тримесечје од 2025 година се намалил за 3,6 проценти во споредба со истиот период од 2024 година и изнесува 91.388 лица, соопшти Државен завод за статистика.

Од вкупниот број невработени, 57,9 проценти се мажи, а 42,1 проценти жени.

Истовремено, бројот на вработени лица во последниот квартал од 2025 година, во однос на третиот квартал, бележи раст од 0,6 проценти. Од вкупно 709.523 вработени лица, 57,8 проценти се мажи, а 42,2 проценти жени.

Според податоците, работоспособното население во земјава изнесува 1.517.695 лица. Од нив, активни на пазарот на труд се 800.911 лица, што значи дека стапката на активност изнесува 52,8 проценти. Стапката на вработеност е 46,8 проценти, додека стапката на невработеност се позиционира на 11,4 проценти.

Се намалува и неформалната вработеност

Статистика констатира дека продолжува трендот на намалување на неформалната вработеност. Во четвртиот квартал регистрирани се 90.293 неформално вработени лица, што претставува пад од 10,3 проценти во однос на претходното тримесечје.

Најголем дел од неформално вработените, 45,9 проценти, се во секторот „земјоделство, шумарство и рибарство“, додека 16,9 проценти се ангажирани во секторот „градежништво“.

Податоците укажуваат на умерено подобрување на состојбите на пазарот на трудот, но и понатаму значителен дел од работната сила останува надвор од формалните економски текови.

error: Содржината е заштитена од копирање !!