ОЈО: Едно лице задржано во станица во врска со смртта на мајката и детото во Карпош
03/03/2026 11:57
Основно јавно обвинителство Скопје издава наредби и насоки за целосно расчистување на случајот од вчера во населбата Карпош, кога при пад од висококатница починаа мајка и малолетно девојче.
Од Обвинителството информираат дека едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот бил запечатен и обезбеден.
Според првичните сознанија, во моментот на настанот починатата и детето биле сами во станот, кој бил заклучен од внатрешната страна.
Денеска, по наредба на јавниот обвинител, се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се прави екстракција на податоци од мобилни телефони, како и обезбедување снимки од видео надзор и други записи од неколку локации.
Во текот на вчерашниот ден е наредена и обдукција на починатите лица.
Во однос на евентуално претходно постапување, јавниот обвинител побарал детално известување од Министерство за внатрешни работи и од Центарот за социјални работи за сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената. Дополнително, ќе биде наредено и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави.
Обвинителството најавува дека по целосно расчистување на околностите, јавноста ќе биде дополнително информирана.






