MKinformer

your daily dose of news

Со специјален лет Србија евакуираше граѓани од Израел, во Белград пристигнаа и Македонци

04/03/2026 11:43

Државјани на Србија, како и неколку лица од Македонија, БИХ, Црна Гора и Хрватска, кои беа евакуирани од Израел, рано утринава пристигнаа во Белград со специјален лет на „Ер Србија“. Летот беше организиран од Владата на Србија и Министерството за надворешни работи.

Авионот слета на белградскиот аеродром околу два часот по полноќ, откако претходно полета од египетското одморалиште Шарм ел Шеик. Специјалниот лет тргнал од Белград вчера околу 17 часот и пристигнал во Египет околу 21 часот по локално време.

Со авионот се вратиле 67 српски државјани евакуирани од Израел, меѓу кои имало и мали деца, јави РТС. Претходно бил организиран копнен транспорт до египетската граница, по што граѓаните биле пренесени до аеродромот во Шарм ел Шеик.

Државниот секретар во српското Министерство за надворешни работи, Дамјан Јовиќ, кој беше испратен во Египет за да ја координира акцијата, изјави дека покрај хуманитарниот аспект, оваа операција има и поширока порака за регионална солидарност.

„Сакаме да покажеме дека негуваме најдобри и најблиски односи со нашите соседни земји: Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина“, изјави Јовиќ.

Претходно, во Белград слета и првиот авион од Дубаи со српски државјани кои беа евакуирани од регионот на Блискиот Исток.

Според последните информации од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив, Доха и Абу Даби.

Од нив, 19 лица се пријавиле од Израел, 106 од Катар, додека 348 македонски граѓани се обратиле до дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин, информираат од МНР.

One thought on “Со специјален лет Србија евакуираше граѓани од Израел, во Белград пристигнаа и Македонци

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!