Шест Mакедонци од Израел ќе бидат евакуирани со владиниот авион
04/03/2026 21:40
Додека безбедносната состојба на Блискиот Исток останува неизвесна, стотици македонски државјани чекаат организирано враќање во земјава. Според официјалните информации, вкупно 632 граѓани побарале помош за евакуација, а дел од нив веќе се во постапка за транспорт кон Македонија.
Шест македонски државјани кои се наоѓаат во Израел ќе бидат пренесени во Скопје со владиниот авион. Останатите граѓани ќе се враќаат со чартер-летови, кои треба да се реализираат по завршување на постапката за јавна набавка. За организација на транспортот државата планира да издвои околу 60 милиони денари, објави 4news.mk.
Од Министерството за надворешни работи информираат дека во тек е финализирање на техничките и логистичките детали за обезбедување на неколку чартер летови, во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати и Катар. Поради итноста и променливата безбедносна состојба, постапката ќе се спроведе со скратени рокови согласно Законот за јавни набавки.
Најголем интерес за евакуација од Емиратите
Според податоците на надлежните институции, интересот за евакуација од Обединетите Арапски Емирати постојано расте. Досега 477 македонски државјани побарале помош за враќање во земјава.
Помош за евакуација од Катар побарале 136 лица, додека дел од македонските граѓани кои се наоѓаат во Израел веќе започнале самостојно да го организираат своето заминување.
Дел од граѓаните веќе се евакуирани
Шест македонски државјани на сопствен трошок заминале од Израел со комерцијални летови кон Скопје. Во меѓувреме, уште шест лица со асистенција на дипломатските претставништва ќе бидат транспортирани по копнен пат кон Египет, каде ќе бидат сместени на безбедна локација.
Според најавите, тие утре треба со владиниот авион да полетаат кон Скопје.
Дополнително, дел од македонските граѓани се евакуирале и со авион на „Ер Србија“. Според српското Министерство за надворешни работи, авионот ноќеска слетал во Белград со 67 патници, меѓу кои имало и државјани на Северна Македонија.
Со специјален лет Србија евакуираше граѓани од Израел, во Белград пристигнаа и Македонци






