MKinformer

your daily dose of news

Санчез со остра порака до Трамп: Светот не се спасува со бомби

04/03/2026 12:50

Односите меѓу Шпанија и САД се заоструваат откако шпанската влада одби да дозволи користење на американските воени бази на нејзина територија за евентуални напади врз Иран. Одлуката предизвика силна реакција од американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани со прекин на трговските односи со Мадрид.

Шпанскиот премиер Педро Санчес остро ја критикуваше американската политика кон Иран и предупреди дека натамошната ескалација може да има сериозни глобални последици.

„Не смеете да играте руски рулет со животите на милиони луѓе. Вака почнуваат големите катастрофи на човештвото“, изјави Санчес, нагласувајќи дека ставот на Шпанија останува јасен и непроменет.

„Не на војна“

Според шпанскиот премиер, Мадрид не верува дека меѓународните проблеми може да се решат преку воени интервенции и бомбардирања.

„Шпанија се противи на кршењето на меѓународното право кое нѐ штити сите и не верува дека светот може да ги реши своите проблеми преку конфликти и бомби. Нашата позиција е едноставна, не на војна“, порача Санчес.

Продлабочување на тензиите

Односите меѓу двете земји дополнително се влошија и поради несогласувањата околу воените трошоци во рамките на НАТО. Трамп претходно ја критикуваше Шпанија поради одбивањето да ги зголеми издвојувањата за одбрана на 5 проценти од бруто домашниот производ.

Санчес, пак, предупреди дека неговата влада нема да поддржи политики кои можат да доведат до нови воени конфликти.

„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме нечија одмазда“, истакна шпанскиот премиер.

Потсетување на војната во Ирак

Во своето обраќање, Санчес потсети и на искуствата од војната во Ирак, посочувајќи дека воените интервенции често создаваат долгорочна нестабилност.

Според него, ваквите конфликти можат да доведат до пораст на екстремизмот, економска нестабилност и раст на цените на енергенсите, а последиците од евентуален напад врз Иран би можеле да бидат непредвидливи.

„Не веруваме дека ваквиот пристап ќе доведе до поправеден меѓународен поредок“, заклучи Санчес.

error: Содржината е заштитена од копирање !!