Запрени испораките на нафта, Бахреин прогласи виша сила по нападот на рафинеријата
09/03/2026 9:36
Државната нафтена компанија на Бахреин прогласи виша сила и ги запре испораките на нафта откако нејзината рафинерија беше погодена во напад за кој властите го обвинуваат Иран.
Одлуката за прогласување виша сила, правен механизам што ги ослободува компаниите од договорните обврски поради вонредни околности, беше објавена преку медиумите во Бахреин.
Во официјалното соопштение се наведува дека работењето на компанијата е „сериозно засегнато од тековниот регионален конфликт на Блискиот Исток и неодамнешниот напад врз рафинерискиот комплекс“.
И покрај прекинот на испораките, властите уверуваат дека домашната побарувачка за гориво засега може да биде задоволена.
Бахреин, исто така, го обвини Иран за оштетување на една од неговите постројки за десалинизација на вода. Сепак, државната Управа за електрична енергија и вода соопшти дека снабдувањето со вода и електрична енергија во земјата засега останува стабилно.
Постројките за десалинизација се од клучно значење за земјите од Персискиот Залив, бидејќи обезбедуваат вода за милиони жители во регионот, како и за илјадници патници кои во моментов се заглавени поради воениот конфликт.
Според бахреинските власти, најмалку 32 лица се повредени во напад со беспилотни летала врз градот Ситра, кој се наоѓа на околу шест километри од индустриската зона. Четири лица се здобиле со потешки повреди.
Конфликтот на Блискиот Исток досега однесе најмалку 1.230 животи во Иран, најмалку 397 во Либан и најмалку 11 во Израел, според официјални извори. Израел вчера ги потврди и првите загинати свои војници, наведувајќи дека двајца припадници на армијата се убиени во борбите во јужен Либан против Хезболах.






