Уапсен Македонец во Грција откако возел мотор со 223 км на час
17/03/2026 10:39
Грчката полиција уапсила 49-годишен македонски државјанин откако бил фатен како вози мотоцикл со брзина од 223 километри на час.
Инцидентот се случил на автопатот Солун–Евзони, на патот кон граничниот премин со Македонија. Според информациите, на тој дел од патот дозволената брзина била 110 километри на час.
Запрен на пат кон граница
Од регионалната полициска дирекција во северна Грција информирале дека возачот бил запрен откако било утврдено дека возел со двојно поголема брзина од дозволената.
Според грчките медиуми, станува збор за македонски државјанин.
Казна од 700 евра
Според објавените информации, на уапсениот му биле одземени возачката дозвола и регистарските таблици.
Покрај тоа, му била изречена и парична казна од 700 евра.
Грчката државна телевизија објавила и дека денеска треба да биде изведен пред јавен обвинител.
Објавени и фотографии
Од Генералната регионална полициска дирекција на централна Македонија на социјалните мрежи објавиле фотографии.
На нив се гледа радарот што ја регистрирал брзината, како и мотоциклот што го управувал уапсениот.






