Виолета Силјан со јубилејна изложба во КИЦ
11/04/2026 18:34
Симфонија од бои и мијачки корени: Виолета Силјан со јубилејна изложба во КИЦ
Љубителите на ликовната уметност имаат прилика да уживаат во уникатниот акварелски опус на академската сликарка Виолета Силјан. На 16 април (2026) во 20 часот, во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, ќе биде отворена нејзината јубилејна изложба на акварели што ги опфаќа четирите децении творештво (1986–2026), насловена како „Тефтер гари-Трепетот на Македонија“.
Изложбата претставува ретроспектива на делото на Силјан, чии акварели се длабоко вкоренети во мијачкиот предел Гари, кладенците, недопрената природа, звуците на зурлите и тапаните. Во својата ликовна критика.
Љупчо Маленков запишува дека уметницата „со восхитувачка ликовна префинетост, ликовно трајно, ги сопира годишните времиња“, создавајќи фузија од бои, шумски звуци и жубор на планински води. Тој додава: „Смирувачките линии и бистри води на Гари… безбројни ѕвезди и месечина кои мирно пловат во ноќта над Гари“.
Од друга страна, проф. д-р Виолета Ачкоска ги опишува делата како „складна симфонија од бои“ што пленат со тактот на чудесна хармонија: „ту треперливи како летот на пеперутката, ту разиграни како ластовици, ту силни како летна грмотевица“.
Според Ачкоска, акварелите на Силјан „македонствуваат, таму горе, закоренети во Мијачијата, таму каде својот печат го оставиле Дичо Зограф и неговата тајфа и гарците Марко, Јован и Петре Филиповски“.






