Обид за убиство пред локал во Скопје: 25-годишник осомничен, обвинителството бара куќен притвор
28/04/2026 9:10
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 25-годишен жител на главниот град, кој е осомничен за кривично дело обид за убиство по инцидент што се случил на 23 април по полноќ пред угостителски објект.
Според информациите од Обвинителството, настанот му претходела кратка вербална расправија во внатрешноста на локалот, која потоа ескалирала во физичка пресметка надвор од објектот.
Во текот на истрагата било утврдено дека оштетениот прв физички го нападнал осомничениот. Потоа, 25-годишникот извадил нож и му нанел повеќе убодни рани во пределот на градниот кош, грбот и стомакот.
Повредениот веднаш бил пренесен на лекарска помош. По укажаната медицинска интервенција, неговите повреди биле санирани, а тој бил пуштен на домашно лекување.
Од ОЈО Скопје посочуваат дека при носењето на предлогот биле земени предвид сите околности поврзани со случајот, особено фактот дека осомничениот претходно бил нападнат. Поради тоа, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка куќен притвор, наместо редовен притвор.
Случајот останува предмет на натамошна истрага, која треба целосно да ги расчисти сите околности поврзани со инцидентот.



