РКД одзеде лиценци на четири управители на станбени згради
29/04/2026 10:25
Регулаторната комисија за домување (РКД) соопшти дека одзела лиценци на четири правни субјекти, управители на станбени згради, по спроведена вонредна периодична проверка.
Како што информираат од Комисијата, проверката била насочена кон утврдување дали управителите го усогласиле своето работење со член 42 од измените на Законот за домување. Според оваа законска обврска, тие требало најдоцна во рок од шест месеци од влегувањето во сила на законот да постапат согласно новите одредби.
Проверката опфатила управители на станбени згради од повеќе градови во државата. Меѓу нив се Скопје, Охрид, Прилеп, Тетово, Гостивар, Струмица, Штип, Битола, Кичево, Велес, Куманово, Кочани и Кавадарци.
Од РКД велат дека 62 правни субјекти го усогласиле своето работење. Кај четири управители, пак, биле утврдени неправилности, недоставени податоци или непочитување на законските обврски.
Претседателот на РКД, Никола Затуроски, изјави дека тројца од управителите со одземени лиценци се од Скопје, а еден е од Струмица. Тој посочи дека еден од нив повеќе од шест месеци не вршел дејност над која Комисијата има надлежност, со што практично се откажал од управувањето.
Затуроски додаде дека две од правните лица, по одземањето на лиценците, ги завршиле своите обврски според Законот за домување. Тоа се однесува на враќање средства од резервниот фонд и изготвување завршни финансиски извештаи.
Според последните податоци на РКД, во државата има вкупно 8.053 станбени згради со управител или заедница на сопственици. Од нив, 5.600 објекти се со лиценцирани управители, со договори за управувачки услуги за вкупно 135.338 посебни делови, односно станови и деловни простории.
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека до средината на декември минатата година биле евидентирани 2.453 активни регистрирани заедници на сопственици.



![Починале 27 лица, 1.861 нов случаj на ковид во Македонија infektivna-klinika-1[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/infektivna-klinika-11.jpg)